Mицкоски: Стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи, ако имаат подобра идеја за Судски совет нека ја кажат

mickoski-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата.  Еве ако знаат подобро решение нека дојдат и нека кажат, реагира премиерот Христијан Мицкоски по изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, дека не треба да има распуштање на Судскиот совет и советот на Јавни обвинители и дека тоа е мешање во независноста на судството.



Мицкоски рече дека амбасадорите, истовремено, состојбата со влаеењето на правото ја оценуваат како катастрофална, а во извештаите пишуваат дека цутат криминалот и корупцијата.

„Довербата во судксиот совет е на 2-3 проценти кај граѓаните. Очигледно е дека работите не функционираат.  Кога ќе видите проблем, барате решение за тој проблем. Ние, ете понудивме решение. Во ред, не се битни 600.000 гласа за амбасадорите, не е битна програмата на Владата. Еве ако знаат подобро решение нека дојдат и нека кажат. Подготвен сум да разговарам за истото и да го примениме. Да ја вратиме довербата кај граѓаните. Видете кои се членови на Судскиот совет и се ќе ви стане јасно. Бевме сведоци на сите драмолетки во изминатиот период. Подготвен сум секој кој има подобра идеја да дојде и да кажат како треба. Само да не биде како досега. Видовме што значи тоа – монтирани случаи, политички нарачки, луѓе кои се жртви на прогон“, рече Мицкоски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера предупреди дека распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е мешање во независноста на судска власт и, ако тоа се случи, кај ЕУ ќе предизвика сериозна загриженост.

„Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството“, рече Гир.

Според амбасадорката на САД, довербата во судството во земјата е шокантно ниска, а Судскиот совет е важно оружје потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија.

„Работете ја работата што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспарентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок“, им порача Агелер вчера на судиите.

За распушутањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители потребно е двотретинско мнозинство.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK