Samsung претстави сестрани сензори за слики за супериорно фотографирање со паметни телефони

Samsung New ISOCEL Image Sensors_ISOCELL HP9, GNJ, JN5
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новата линија ги вклучува најдобрите сензори со резолуција од 200 и 50 мегапиксели и го премостува јазот помеѓу главната и секундарната камера за подобрено снимање од сите агли

Samsung Electronics, водечкиот производител на полуспроводнички технологии, денеска претстави три нови сензори за слики, дизајнирани за главните и секундарните камери на паметните телефони – ISOCELL HP9, ISOCELL GNJ и ISOCELL JN5.


Со оглед на тоа што очекувањата на корисниците за квалитетот и перформансите на камерата на паметните телефони продолжуваат да растат, најновите сензори за слики на Samsung ќе даваат неверојатни резултати од секој агол, поставувајќи нов стандард за мобилна фотографија – беше кажано во текот на претставувањето.

„Унапредувањето на перформансите на сензорите и намалувањето на јазот помеѓу главните и секундарните камери со цел да се постигне еднообразно фотографско искуство од различни агли на фотографирање, е новиот правец во целата индустрија“, рече Џесук Ли (Jesuk Lee), извршен потпретседател и технички директор на System LSI Sensor, деловната единица на Samsung Electronics, и додаде: „Постојано поставуваме нови стандарди во индустријата и ги поместуваме технолошките граници со нашите нови генерации мобилни фотографски сензори, кои ги вклучуваат најновите достигнувања“.

ISOCELL HP9: Првиот 200-мегапикселен телефото сензор за паметни телефони во индустријата

Сензорот ISOCELL HP9 содржи 200 милиони 0,56-микрометарски (μm) пиксели во 1/1,4-инчен оптички формат.

Со својата уникатна микро-леќа со висока рефракција направена од нови материјали, HP9 значително ја подобрува способноста за собирање светлина, насочувајќи поголема светлина прецизно кон соодветниот RGB филтер за боја. Ова резултира со поживописна репродукција на бои и подобрен фокус, со 12% подобра светлинска чувствителност (врз основа на соодносот меѓу сигналот и шумот од ниво 10) и 10% подобрени перформанси на автоматскиот фокус и контрастот во споредба со претходната генерација.

Беше истакнато дека HP9 доаѓа до израз особено во услови на слаба осветленост и одговара на вообичаениот предизвик за традиционални телефото камери. Неговата технологија Tetra²pixel комбинира 16 пиксели (4×4) во голем 12-мегапикселен сензор со големина од 2,24 микрометри, што овозможува поостри портрети, дури и во многу темни сцени и создава драматични ефекти на боке[1] надвор од фокусот.

Како што растат главните камери кај врвните паметни телефони, така се зголемува и просторот за телефото камерата. Големиот оптички формат на сензорот HP9 го прави погоден за телефото модули, овозможувајќи перформансите да одговараат на квалитетот на сликата, автоматскиот фокус, високиот динамички опсег (HDR) и можностите за брзо снимање на мноштво фрејмови во секунда (fps) на врвните главни камери.

Воден од алгоритмот „remosaic“, HP9 нуди 2x или 4x начин на зумирање на сликата на самиот сензор, кој заедно со телефото модулот кој зумира 3x овозможува зголемување до 12x, притоа одржувајќи висок квалитет и острина на сликата.

ISOCELL GNJ: Интеграција на најдобрите иновации во технологијата за пиксели

ISOCELL GNJ е сензор со двојни пиксели, со резолуција од 50 милиони пиксели, со големина од 1,0 микрометри, во 1/1,57-инчен оптички формат.

Секој пиксел содржи две фотодиоди, кои овозможуваат брзо и прецизно автоматско фокусирање, слично на начинот на кој фокусираат човечките очи. Сензорот за слика, исто така, истовремено бележи информации во целосна боја за брзо фокусирање со постојан квалитет на сликата.

Сензорот GNJ ја комбинира технологијата на двојни пиксели со функцијата за зумирање во сензорот, за бележење појасни снимки при снимање видео записи и снимки со висока резолуција без артефакти или ефекти на моаре[2] кога снимате фотографии.

Уште повеќе подобрениот антирефлексен слој со висока пропустливост со леќата со висока рефракција на Samsung, не само што го подобрува преносот на светлина и ги намалува несаканите рефлексии, туку и гарантира дека темните области нема да бидат претерано осветлени, за попрецизни фотографии со веродостојно забележани детали.

Покрај тоа, сензорот GNJ вклучува унапреден материјал за изолација на пиксели, со т.н „deep trench izolation“ дизајн, кој го заменува полисилициумот со силициум оксид, што значително го намалува ефектот на „прислушкување“ помеѓу соседните пиксели и му овозможува на сензорот да снима подетални и прецизни слики.

Овие иновации беа постигнати со значително намалување на потрошувачката на електрична енергија, со подобрување од 29% при прегледување на кадрите на екранот, односно 34% при снимање видео запис со 4K резолуција, со 60 фрејмови во секунда.

ISOCELL JN5: Доследно искуство со камерата од секој агол со широк спектар на бои и одличен автофокус

Сензорот ISOCELL JN5 содржи 50 милиони 0,64μm пиксели, во 1/2.76-инчен оптички формат.

Технологијата на двојни вертикални трансферни порти (Dual VTG) го зголемува преносот на полнежот во пикселите, значително намалувајќи го шумот во услови на екстремно слаба осветленост, а со тоа ја зголемува јасноста и квалитетот на сликата.

Користејќи ја функцијата Super Quad Phase Detection, JN5 го прилагодува фокусот споредувајќи ги вертикалните и хоризонталните фазни разлики, снимајќи ги притоа дури и најмалите детали на објектите кои брзо се движат со минимално треперење.

Дополнително, JN5 вклучува т.н. „dual slope gain“ технологија за подобрување на високиот динамички опсег. Оваа технологија ги засилува аналогните информации од влезната светлина во два сигнали, ги претвора во дигитални, а потоа ги комбинира во еден податок, проширувајќи го опсегот на бои што сензорот може да ги забележи.

Со инкорпорирање на хардверските „remosaic“ алгоритми, брзината на снимање е подобрена и овозможено е зумирање во реално време, како за време на прегледот на сликите, така и за време на снимањето, без никакво доцнење.

Тенкиот оптички формат на сензорот JN5 го прави исклучително сестран и овозможува примена кај главни или секундарни камери, вклучувајќи широкоаголни, ултра широкоаголни, предни и телефото камери, овозможувајќи доследно искуство на фотографирање од различни агли.

[1] Ефектот на боке се однесува на замагленоста што ја создаваат предметите што се надвор од фокусот на фотографијата, генерално до естетски пријатен степен.

[2] Ефектот на моаре е непожелен визуелен феномен кој се јавува при фотографирање детали (најчесто линии) кои се повторуваат.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK