„Новата Влада на ВМРО-ДПМЕ уште еднаш ги потврди добрите политики на владата предводена од СДСМ, а тоа е во насока на заштита на интересите на граѓаните“, рече пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи, образложувајќи го ставот на пратеничката група на СДСМ за поддршка на Предлог на закон за дополнување на Законот за енергетика, кој по скратена постапка беше денес усвоен во Собранието.
Битиќи нагласи дека измените кои денеска се предлагаат се последица на успешната тендерска постапка за избор на Универзален снабдувач, која заврши пред неполн месец дена, а на која што беше избрана ЕВН Хоме.
„Тоа што е ново е дека постигнавме да ја намалиме маржата која универзалниот снабдувач ја аплицира кон крајните корисници од 11,5% на 9,9%. Ова е една од најниските маржи досега аплицирани кон крајните корисници и сметаме дека ова е нешто на кое сите треба да се гордееме“, рече Битиќи.
Образложувајќи го ставот на пратеничката група на СДСМ, Битиќи појасни дека со овие законски измени се овозможува аплицирањето на намалената маржа кон крајните корисници да стапи на сила веднаш, пред Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да ја донесе одлуката за цената на струјата од 1 јули до крајот на годината.
Зборувајќи за законските измени, Битиќи образложи дека една од причините за поддршка од пратеничката група на СДСМ е тоа што со истите се предвидува производителот на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет на Универзалниот снабдувач да му понуди на продажна во 2024 година 40% од вкупните годишни потреби на снабдувачот.
„Тоа значи дека ЕСМ, која што се пријавила пред само 10 дена, а слушавме помпезно како тоа само 85% ќе понуди, нуди двојно повеќе од тоа што укажува Законот дека треба да го понуди. Нуди по цена која е 60% субвенционирана, пониска цена од производната цена“, рече Битиќи.
Пратеникот Битиќи во своето обраќање потенцираше дека ова е начинот на кој една разумна и конструктивна опозиција треба да се однесува во Собранието, а тоа е да се поддржуваат сите законски решенија кои имаат за цел поддршка на граѓаните и квалитетот на нивниот живот.
„Вака СДСМ и коалицијата ќе продолжи да се однесува и наредните четири години секогаш кога е во прашање интересот на граѓаните“, порача Битиќи.