Програмата на Владата и концептите на партиите кои се дел од мнозинството се различни од ветувањата коишто беа дадени пред граѓаните, а прашањата кои беа отворени во минатото на манипулативен начин и се наметнуваа во јавноста ги нема воопшто, рече пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група Оливер Спасовски денеска во македонското Собрание во расправата за избор на Влада.
„Првиот основен приоритет, нашето членство во Европската унија во програмата е со сосема различен концепт од оној што го застапуваше како опозиција во изминатите 8 години и во времето на предизборието, како што е почитувањето на Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка. Факт е дека нема ниту збор за укинување на Преспанскиот договор, ниту збор за укинување на Договорот со Бугарија и факт е дека нема план за тоа како ќе ја промените преговарачката рамка за којашто зборувавте со години наназад дека нема да ја прифатите“, рече Спасовски.
Деновиве се гледа и промената на личниот став на Мицкоски за Преспанскиот договор, потенцираше Спасовски.
„Ако ги погледнете изјавите од пред изборите, во коишто најавувате дека нема да го користите уставното име или дека нема да ја користите придавката денеска најавивте дека тоа ќе го направите. Тоа ли е новиот концепт? Ако е така чесно е да биде тоа кажано пред граѓаните. Затоа што едно е пред граѓаните да речете дури и мандатот ако треба нека ми го одземат јас нема да ја користам придавката на името а денеска овде пред македонското Собрание зборувате како мандатар најавувате почитување на Преспанскиот договор и уставното име на државата“, рече Спасовски.
Многу од проектите коишто се дел од Програмата немаат рокови за реализација, нема финансиска конструкција како и на кој начин ќе се дојде до реализација, а не се зборува ништо ниту за задолжувањето од 1 милијарда коешто се најавуваше во јавноста, дополни Спасовски.
„Има дел во програмата коишто сте ги ставиле како големи достигнувања а веќе постојат и функционираат. Тоа зборува за една програма за работа којашто е напишана со цел само колку да кажете дека нешто ќе правите во иднина. На пример во делот на безбедноста и одбраната сте навеле дека ќе воспоставите систем за видео надзор на граничните премини. А таков систем функционира веќе 30 години на сите гранични премини. И тоа не е еден систем туку два, и на Царинската управа и на МВР“, рече Спасовски.
Иако се најавуваше многу во делот на инфраструктурата освен доградба и довршување на проектите кои веќе се започнати, нема нови проекти, додаде тој.
-Дури и толку напаѓаниот од Ваша страна проект за коридорите, кој се работи од страна на Бехтен и Енка, тој договор за којшто велевте дека е криминален гледам дека со задоволство е прифатен и ставен во програмата на Владата, рече Спасовски.