Руските воени сили синоќа извршија нов масовен напад врз енергетската инфраструктура во западна и јужна Украина, соопшти украинското Министерство за енергетика.
„Објектите на украинскиот оператор Укренерго се оштетени во регионите на Запорожје на југот на земјата и во Лавов на запад“, соопшти Министерството, додавајќи дека во нападите се повредени двајца вработени.
И двајцата потоа беа хоспитализирани во болница во Запорожје.
Министерството потсетува дека ова е осми поголем напад врз украинските електрани во последните три месеци, што често резултираше со прекини на електричната енергија. Во соопштението се наведува дека електроенергетската мрежа на Украина се бори да ги издржи целните руски воени напади.
Украинските власти соопштија дека во големиот ноќен руски напад во четвртокот, енергетската инфраструктура, вклучително и електраната, била значително оштетена, а седуммина вработени биле повредени.
Володимир Зеленски верува оти половина од енергетскиот капацитет на Украина е уништен во засилените руски напади. Утрово тој повика „што поскоро да се постават соларни панели и единици за складирање енергија во секое училиште и болница“.
Генералниот директор на операторот ДТЕК, Максим Тимченко, предупреди дека доколку нејзините западни партнери не се мобилизираат, Украина би можела „се соочи со сериозна енергетска криза оваа зима“.
Киев го повикува Западот да му помогне да ја обнови електричната мрежа, проект кој бара значителни инвестиции и да обезбеди испорака на поголема количина опрема за противвоздушна одбрана во Украина, што е важно за спротивставување на руските бомбардирања.
Со оглед на тоа, Вашингтон „донесе тешка, но неопходна одлука“ да и даде предност на Украина во однос на другите сојузнички земји кога станува збор за набавка на ракети кои се користат за противвоздушна одбрана.