Милош Раониќ на стартот од турнирот во Квинс го совлада Камерон Нори со резултат 2:1 (6:7, 6:3, 7:6). Канаѓанецот роден во Подгорица, во овој меч го собори рекордот по број на ас сервиси, кога станува збор за меч на два добиени сета.
Раониќ против Нори испорача 47 ас сервиси. Претходниот рекорд од 2015 година беше во сопственост на Иво Карловиќ (45 ас сервиси).
„Сервисот е исклучително важен дел од мојата игра – задоволно ја коментираше Раониќ победата над Нори.
„Без ваков сервис мојата кариера ќе беше сосема поинаква. Затоа сум многу благодарен. Сè уште се обидувам да ги подобрам другите удари. Со оглед на резултатот и фактот дека спасив две меч топки, овие ас сервиси ми беа потребни. Сервисот отсекогаш бил мојот најважен удар. Овој мал рекорд ќе биде посебен за мене“.