Заменикот министер за одбрана, Тирон Јајага вчера и денес во Брисел учествуваше на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО во формат министри за одбрана, каде главниот фокус е ставен на подготовките за Самитот на НАТО во Вашингтон во jули, како и зајакнатата улога на Алијансата во поддршка на Украина.
Министрите за одбрана вчера учествуваа на две засебни сесии на Контакт групата за Украина и Советот НАТО -Украина на кои стана збор за итните украински потреби во одбрана на нивната земја од руската агресија. На состаноците се разговараше и за зајакнувањето на рамката за долгорочна поддршка на Украина која ќе овозможи предвидливост, одговорност и транспарентност на овој процес.
На денешните состаноци се разговараше за засилувањето на концептот за одвраќање и одбрана, како основа за одржување на безбедна и стабилна евро-атлантска област. Министрите за одбрана разговараа и за процесот на адаптација на командната структура на НАТО, имплементацијата на одбранбените планови и развојот на интегрирани одбранбени системи. Тема на состаноците беше и интензивирањето на хибридните закани, особено сајбер заканите И дезинформациските кампањи од страна на Русија, како и нуклеарната одбрана на НАТО.
На маргините на состанокот се одржа и изложба под покровителство на специјалната претставничка на Генералниот секретар на НАТО за жени мир и безбедност, Ирене Фелин, каде што беа презентирани наменски униформи и опрема за жените војници во Украина, а во рамките на Агендата за жени, мир и безбедност на НАТО.