Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оствари средба со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, на маргините на Конференцијата за обнова на Украина, што се одржува во Берлин.
На средбата беше разговарно за плодната соработка со Советот на Европа во клучните реформски процеси во земјава, за високата заемна посветеност, како и за проектите кои преку програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, успешно се реализираат во различни области, а во насока на остварувањето на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Сиљановска Давкова, осврнувајќи се на демократскиот капацитет на нашите институции, ги нагласи заложбите за унапредувањето на човековите права и владеењето на правото, како едни од базичните предуслови за напредокот на македонското општество.
На средбата беше истакната важноста на темата родова еднаквост и спроведувањето на Истанбулската Конвенција.
Двете соговорнички разменија мислења и за европската перспектива на регионот, како и за нашиот значаен придонес во обезбедувањето на мирот и стабилноста на Европа.