Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и кандидатот за пратеник Бојан Маричиќ во својата изјава за медиуми посочи дека СДСМ е најсериозната и единствената политичка опција во Македонија која може да обезбеди продолжување на преговорите со ЕУ.
„Со отворање на поглавјата, со сплотеност и со дисциплина за реформите, влегуваме во финиш на промените кои ни носат европски стандарди и европски квалитет на живот. Преговорите ни носат задолжително реформирање на јавната администрација и подобрување на стручноста на државните службеници. Стабилен и доверлив судски систем, заштита на човековите права и борба против корупција. Ова ќе го обезбедиме низ преговорите, со помош од ЕУ. Со отворање на поглавјата се отвораат и нови фондови на ЕУ за подобрување на нашиот живот. Фондови за економски мерки, за земјоделство, за инфраструктура, за животна средина, за култура, за образование, за млади и уште многу повеќе“, рече Маричиќ.
Како што додаде, до крајот на 2025 година очекува за македонското општество, за граѓаните и за државата, да се искористат околу 500 милиони евра од ИПА2 и уште 200 до 300 милиони евра од ИПА3, пари доделени од Европската Унија.
„За македонските земјоделци имаме над 210 милиони евра годишен од ИПАРД 3 за следните четири години. Сега зависи само од нас. Сега е потребно да дадеме глас ЗА продолжување на преговорите со ЕУ, ЗА реформи, ЗА европски фондови, ЗА европска иднина на Македонија.” – изјави Маричиќ.