Тајрис Мекси од Филаделфија Севентисиксерс најмногу напредувал оваа сезона. Мекси, во изборот за оваа награда, во која гласаат 100 претставници на медиумите, доби вкупно 319 поени, само 14 повеќе од второпласираниот Коби Вајт од Чикаго Булс.
Третото место му припадна на турскиот центар Алперен Шенгун од Хјустон Рокетс, на кого шансата да ја добие наградата му ја уништи повредата, поради која ја заврши сезоната месец и половина порано од останатите.
Минатата година, честопати заменувајќи го Џејмс Харден во стартната петорка, Мекси навести експлозија во неговата четврта сезона во НБА.
По заминувањето на Харден во ЛА Клиперс, а особено по повредата на Џоел Ембид, Мекси стана прва опција во нападот на Филаделфија. Сезоната ја заврши со просек од 25,9 поени, 3,7 скока и 6,2 асистенции. За прв пат беше избран и за Ол-стар натпреварот.
Со доделувањето на оваа награда, НБА почна да ги објавува сите индивидуални награди за оваа сезона, вечерва ќе го прогласи најдобриот шести играч, утре најдобар клач, а викендот најдобар тренер на лигата.
Следната недела следува прогласување на најдобриот дебитант и одбранбен играч, а кулминација е прогласувањето на МВП и првата петорка на лигата.