Американскиот Сенат усвои закон со кој се одобрува пакетот безбедносна помош за Израел, Украина и Тајван во вкупна вредност од 95 милијарди долари.
За усвојување на законот кој го изгласа Конгресот по неколкумесечно одложување гласаа 79 сенатори, а против 18, што е многу повеќе од потребното мнозинство во Сенатот од 100 членови за законот да биде усвоен.
За да стапи на сила законот, треба да го потпише американскиот претседател Џозеф Бајден.
Пакетот за помош предвидува 61 милијарда долари за Украина, 26 милијарди за Израел и околу 8,12 милијарди за „контра комунистичка Кина“ во Индо-пацификот, додека четвртиот дел од пакетот е наменет за мерки што ќе доведат до потенцијална забрана на апликацијата TikTok во САД, мерките според кои замрзнатите руски средства ќе бидат префрлени во Украина и ќе бидат воведени нови санкции кон Иран, пренесува Ројтерс.
„Ќе го потпишам овој предлог-закон веднаш штом ќе пристигне на моето биро утре и ќе им помогнам на Американците за да започнеме со испраќање оружје и опрема во Украина оваа недела. Потребата е итна: за Украина, која се соочува со немилосрдно бомбардирање од Русија, за Израел, кој штотуку се соочи со невиден напад од Иран, за бегалците и оние кои се погодени од конфликти и природни катастрофи низ светот, вклучително и во Газа, Судан, Хаити. “, рече Бајден.