Најдобриот тим од регуларниот дел на сезоната во НБА лигата, Бостон Селтикс, со убедлива победа над Мајами Хит го започна плеј-офот.
Тимот од Масачусетс славеше победа над Мајами 114:94.
Селтикси во првите неколку минути имаа 14:0 и му покажаа на ривалот од Флорида што ги очекува до крајот на мечот. Мајами успеа да се врати, на почетокот на вториот дел имаше само минус 3 (26:23), но тоа беше само моментален блесок на избраниците на Ерик Сполстра.
Бостон ја доби третата четвртина со 31:14 и во последните 12 минути влезе со огромни 32 поени предност (91:59).
Селтикси, потоа го спуштија ритамот, па Мајами успеа да ја намали негативата.
Тренерот на Бостон, Џо Мазула им даде шанса на само осум играчи и сите се запишаа меѓу стрелците.
Со трипл-дабл ги предводеше Џејсон Тејтум (23 поени, по 10 скока и асистенции), Дерик Вајт додаде 20, Кристапс Порзингис 18, Џејлен Браун 17.
Во поразениот тим го немаше Џими Батлер, а најдобри беа Бем Адебајо со 24 (6ск, 3ас) и Делон Рајт со 17 поени.
Вториот меч е исто така во Бостон на 25 април од 1 часот по македонско време.