Претседателот на СДСМ и носител во Изборната единица 1 на Коалицијата за европска иднина, на денешниот митинг во Скопје најави европски стандарди во македонското образование, за сите ученици во основните и средните училишта.
„За учениците и студентите ќе обезбедиме бесплатен оброк, бесплатен превоз и бесплатни едукативни екскурзии. Мора да им помогнеме на родителите на најмладите преку бесплатен оброк во основните училишта во износ од 150 денари дневно и бесплатен јавен превоз за сите основци.Дополнително, за учениците во средните училишта ќе има 180 денари дневно за бесплатен оброк и исто така бесплатен јавен превоз“, рече Ковачевски.
СДСМ и Коалицијата за европска иднина во својата програма за наредните четири години предвидуваат низа реформи во образованието. Ќе има 50 евра училишен бонус пред почетокот на секоја учебна година за сите основци и средношколци. Дополнително, за среќен почеток, секое прваче ќе добива по 6.000 денари, а секој средношколец од прва година по 9.000 денари.
Ковачевски истака дека единствен начин да ги донесеме европските стандарди на образование во Македонија е само преку исполнување на условите за членство во Европската Унија.
„За тоа да се случи, нема друг начин, нема волшебни решенија! Има само еден начин! Македонија мора да стане држава со европски стандард, европски вредности и европски правила на игра. Со членството во ЕУ, со помошта на Европската Унија, со Америка и нашите сојузници, да се подобриме, и да го искористиме нашиот национален потенцијал, знаење и енергија!“, порача Ковачевски.