Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите, ќе се одработат во две саботи, односно на 18 мај и 1 јуни, објави претседателот на Самостојниот синдикат за образование и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Во дописот што го објави Неделков стои дека причината е за да се исполни одредбата од Законот со кој учебната година остварува во 180 наставни дена, а притоа да не се продолжи учебната година.
МОН, покрај тоа, ги задолжува основните училишта во Град Скопје на 15 јуни да ги одработат и пропуштените часови од 30 ноември лани, кој беше неработен ден поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ.
Неделков побара од министерот Јетон Шаќири веднаш да го повлече известувањето до училиштата.
„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата со кое се задолжуваат да ги одработат ‘неработните’ денови, прогласени од Владата заради одржување на претстојните избори! Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година“, напиша Неделков на Фејсбук.
Владата претходно ги прогласи за неработни за сите граѓани деновите на одржување на изборите, 24 април и 8 мај.