Брисел, 18 април 2024 – Секретаријатот на ЦЕФТА и Европската комисија потпишаа Договор вреден 4 милиони евра за активностите на проектот SEED+ под името “Поддршка за систематска електронска размена на податоци (SEED+) во ЦЕФТА за 2024 година“. Овој проект ќе го подобри олеснувањето на трговијата и економската интеграција како во рамките на ЦЕФТА, така и меѓу ЦЕФТА и Европската унија.
Европската комисија се обврза дека ќе го финансира SEED+ целосно во текот на следните три години.
Овој проект е наменет за значително олеснување на трговијата со стоки и услуги, промовирајќи поблиски економски врски во рамките на ЦЕФТА и поедноставувајќи ги процесите преку забрзување на дигиталната транзиција.
Основен фокус на SEED+ проектот е одржување и проширување на овој систем. Проектот ќе продолжи да дава поддршка на електронската размена на трговски податоци и документи во рамките на ЦЕФТА, промовирајќи трговија без хартија, подобрувајќи ја безбедноста во трговските операции без да ги нарушува тековите на трговија. Со намалување на товарот врз економските оператори, претприемачите и граѓаните во собирањето и доставувањето на трговски податоци и документи, SEED+ се стреми кон елиминирање на пречките и намалување на трошоците и времето потребно за слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе низ ЦЕФТА. Активностите на SEED+ исто така се стремат кон поблиска соработка со ЕУ, усогласувајќи практики со европските стандарди за да се подобри интероперабилноста и да се придонесе кон економска интеграција на страните на ЦЕФТА во ЕУ.
Понатаму, SEED+ е усогласен со Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар (CRM) и со новиот План за раст на Европската комисија за Западен Балкан, со цел зголемување на економскиот раст и забрзување на социо-економското усогласување со ЕУ. Клучните резултати од CRM и Планот за раст, како што се Зелените и Сините коридори, ќе бидат имплементирани преку ЦЕФТА SEED+.