Во украинскиот напад на воениот аеродром на Крим вчера сериозно се оштетени четири ракетни фрлачи, три радарски станици и друга опрема, соопшти украинската воена разузнавачка агенција.
Четири ракетни фрлачи земја-воздух С-400 и контролен пункт за воздушна одбрана стациониран во воздухопловната база Џанкој се меѓу опремата што е „уништена или критично оштетена“, објави агенцијата на Телеграм, пренесе Ројтерс.
Агенцијата додава дека во нападот биле уништени или оштетени и голем број авиони. На неколку сметки на каналот Телеграм вчера се појави информација за силна експлозија во Џанкој. Ројтерс не можеше да ги потврди наводите, а Русија официјално не ги коментираше.
Украинската агенција не даде информации за тоа какви средства се употребени за нападот, кој го опиша како „успешен“.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно и се заблагодари на армијата „за прецизноста“ вклучена во операцијата.