Место покачена за 12 отсто, вработените во културата не добија никаква плата, од утре излегуваат на протести

Screenshot_18-4-2024_12914_www.facebook.com_.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Доколку до крајот на денот не биде исплатена платата за месец март на 3.000 вработени во културата, од утре тие излегуваат на протести пред Министерството за култура со можност да се протестира и пред Министерството за финансии. Ќе протестираат се додека не им биде исплатена платат на сите работници. Вработените во културата алармираат дека за некој ден, освен без плата, ќе останат и без здравствено осигурување.


„Пред точно 18 дена на ова исто место бевме убедувани дека шириме паника и дезинформации меѓу вработените во културата и дека има само една вистина, а тоа е дека платата за месец март ќе биде исплатена со досега највисоко усогласување од 12 отсто, за да денес сите сме согласни дека синдикатите беа во право и пред 18 дена и пред 6 месеци. И денес, на 18 април, плата за март се уште нема. Да биде целава ситуација уште потрагична, за неколку дена 3.000 вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување“, рече претседателката на Синдикатот за култура, Вера Атанасовска.

Покрај протестите, Атанасовкса извести дека повеле постапка за тужба за доцнењето на платата. Овој пат, ќе настојуваат и да се лоцира одговорноста за ненавремено исплаќање на веќе одработеното.

Претседателката кажа дека утрово ја побарале од Кабинетот на министерката за култура за да и јават дека попладнево треба да оди на состанок во Министерството за финансии, а вработени во Министерството за култура истовремено се јавувале во културните институции и им кажувале да прифатат да се исплати платата без усогласувањето. Атанасовска, денес пред Министерството за култура постави низа прашања за неисплатената плата и најавата за состанок во Министерството за култура.

„Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии? Сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата? Што се случува и кој е одговорен за колапсот што го создадоа во културата? За неуспехот на Владата, особено на Министерството за култура, да ги исполни своите обврски со тоа што не ги исплати ветените плати на сите вработени во културата согласно законите и договорите? Ова тотално исмевање на довербата на сите вработени во културата не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои што се посветени на уметноста и на културата туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции. Зошто Министерството за култура не ја исполнува својата обврска? Дали е тоа поради предизборна војна на партии или работата е уште подлабока – тотално потценување на уметноста и културата во рамките на владините приоритети? Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана култура работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк“, рече Атанасовска.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов даде безрезерва поддршка на културните работници и ја повика министерката уште денес да ја исплати неисплатената плата за март.

„Ја повикуваме министерката за култура денеска, место да ги повикува во Министерството за финансии да се објаснуваат, да направи максимални напори платите денеска до крајот на работното време да легнат на сметките на овие луѓе. Доколку не, се гледаме утре на протест, се гледаме и другиот ден и така се до исполнување на нашите барања. Не бараме преку леб погача, бараме плата. Платата веќе сме си ја изработиме а работиме и за нова плата која треба да биде исплатена во мај. Недозволиво е ова да ни се случува особено не 15 дена пред избори. Сите да ги имаат тоа на ум“, рече Трендафилов.

Пред две недели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на посебна прес-конференција уверуваше дека вработените во културата за март ќе добијат покачена плата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK