Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од селото Извор во Општина Чашка за запуштање и малтретирање на дете.
Постои основано сомнение дека во временскиот период од 2021 до 3 април, осомничениот татко со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ги запуштил сопствените две деца и од користољубие ги навел на питање.
Тој ги носел децата на различни локации во Скопје и Велес, ги терал да бараат пари, а потоа паричните средства им ги земал и ги трошел во казино.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност да се даде во бегство, да го повторува кривичното дело или да влијае врз оштетените деца.