Кина најави дека ќе продолжи да игра конструктивна улога во политичкото решавање на кризата во Украина и да ја одржува комуникацијата со сите инволвирани страни, вклучително и Киев, изјави Мао Нинг, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Кина.
„Кина прави напори да одигра конструктивна улога во прекинот на огнот, промовирање на мировните преговори и политичко решавање на кризата“, рече Мао, одговарајќи на прашањето на дописникот на Укринформ.
Според неа, Кина ќе продолжи да дејствува доследно и во согласност со сопствената визија за начините за завршување на конфликтот.
„Ќе продолжиме да ги промовираме мировните преговори на наш начин и да комуницираме со сите заинтересирани страни, вклучително и Украина, со цел да се олесни политичкото решение на кризата“, изјави портпаролката на кинеското Министерство.
Министерот за надворешни работи на Франција, Стефан Сежурне ја повика Кина да игра поактивна улога во воениот конфликт меѓу Русија и Украина и да испрати соодветен сигнал до Русија, потсетува агенцијата.