Мемфис Гризлис во чест на Марк Гасол ќе го повлечат дресот со број 33. Свечената церемонија ќе се одржи во сабота пред натпреварот против Филаделфија, објави франшизата.
Гасол го носеше дресот на Мемфис од 2008 до 2019 година. Тој ќе стане третиот играч на клубот чиј дрес ќе биде под сводот на арената, по Зек Рендолф (50) и Тони Ален (9).
Шпанскиот кошаркар е осмиот Европеец на кого му била укажана ваква чест во НБА.
Најпрвин Њу Џерси Нетс ја пензионираа „тројката“ на Дражен Петровиќ, потоа Сакраменто Кингс ги пензионираше 21 на Владе Дивац и 16 на Предраг Стојаковиќ, а Кливленд Кавалирс ја повлекоа 11. на Жидрунас Илгаускас.
Сан Антонио ја пензионираше „деветката“ на Тони Паркер, Далас бројот 41 на Дирк Новицки, а ЛА Лејкерс го пензионираа бројот 16 кој го носеше братот на Марк, Пау Гасол.