Забраната за примање невакцинирани деца во градинка не е само за Скопје, каде што е прогласена епидемијата на голема кашлица, туку важи на целата територија на државата. Министерот за здравство Илир Демири денес рече дека Државниот санитарен инспекторат од денес прави засилени контроли насекаде.
„Не само на територија на Град Скопје каде што е прогласена епидемијата туку на државно ниво ќе има засилени инспекциски прегледи и ќе барам на секој начин да се зголеми бројката и да се вакцинираат тие што не се вакцинирани. На цела територија на државата. Има потпишано наредба да се враќаат децата кои се делумно или не се вакцинирани. Официјализацијата со документ е од денеска, но ние не функционираме само на писмено дадени наредби. Многу поодамна е пристапено и имав јавни изјави дека треба да се вратат тие деца што не се вакцинирани. Мислам дека е доволно сензибилизирано и нема оправдување“, рече министерот Демири.
Поради епидемијата на голема кашлица во Скопје и зголемениот интерес за вакцинирање, министерот Демири вели дека побарале да се зголеми бројот на вакцинални пунктови со ангажирање на младите лекари кои би имале платена пракса. Чекаат одговор од Државната комисија за спречување корупција која треба да се изјасни дале е можно да се ангажираат младите лекари имајќи го предвид предизборниот период.