(Видео) Подигнато шведското знаме пред седиштето на НАТО: „Путин направи голема грешка“

svedska-nato.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Влегувањето во НАТО е добро за Шведска, добро е за стабилноста на север и за Алијансата во целина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на церемонијата на подигнување на шведското знаме пред седиштето на алијансата во Брисел.


„Шведска е наш партнер долго време, сега е сојузник со сите предности и одговорности“, рече Столтенберг, додавајќи дека Шведска има супериорни способности и првокласни вооружени сили и одбранбена индустрија и дека троши повеќе од два отсто од својот БДП за одбрана.

На свеченоста, заедно со премиерот Улф Кристерсон, беа и министрите во неговиот кабинет, принцезата Викторија и лидерите на шест парламентарни партии. Шведска се откажа од својата повеќе од 200-годишна политика на неутралност откако Русија ја нападна Украина пред нешто повеќе од две години.

За НАТО, пристапите на Шведска и Финска, кои делат 1.340 километри долга граница со Русија, се најзначајни во последните неколку децении од проширувањето.

„Солидарноста ќе биде водечки принцип за Шведска како членка на НАТО. Ќе го споделиме товарот, одговорноста и ризиците со нашите сојузници“, рече премиерот Кристерсон, нагласувајќи дека безбедносната ситуација не била толку сериозна од Втората светска војна и дека Русија ќе остане закана за евроатлантската безбедност.во догледно време.

„Шведска влезе во НАТО за да добие, но и да обезбеди безбедност. Нашата поддршка за Украина е основен дел од тоа, Украина храбро се бори за својата слобода, но ја брани и европската слобода. Ние во Шведска сакаме да кажеме дека имаме уникатни воени способности за придонес на копно, во воздух и на море“, рече шведскиот премиер.

Кристерсон рече дека неговата земја целосно ја споделува одговорноста со своите сојузници во НАТО, вклучително и нуклеарната стратегија, но дека не гледа потреба да распоредува постојани бази или нуклеарно оружје на шведска територија во мирнодопски услови.

На прашањето дали е загрижен за евентуалната реакција на Русија, која секогаш нагласувала дека ќе реагира доколку Шведска влезе во НАТО и дали се плаши од сајбер напади и хибридни закани, Кристерсон рече дека требало да остане внимателен.

Тој посочи дека Русија постојано врши сајбер напади и ќе продолжи да го прави тоа. „Не смееме да бидеме наивни, затоа мора да останеме претпазливи“, рече Кристерсон. Столтенберг изјави дека рускиот претседател Владимир Путин направил „голема стратешка грешка“ кога ја нападнал Украина.

„Тој сакаше да ја спречи Украина да се приближи кон НАТО и ЕУ и побара од нас да потпишеме договор со Русија дека нема да има понатамошно проширување на НАТО во ниту една земја во Европа. Сега го постигна токму спротивното, сакаше помалку НАТО , и доби повеќе и уште поголемо воено присуство на источното крило. Шведска и Финска денес се полноправни членки, а Украина никогаш не била поблиску до НАТО“, рече Столтенберг.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK