Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев за време на посетата на Гевгелија оствари работна средба со раководствата на СВР Струмица, ОВР Гевгелија, во рамки на серијата средби по секторите за внатрешни работи на територијата на државата со цел увид во резултатите и мапирање на идните активности.
„И оваа организациска единица во текот на 2023 година интензивно преземаше мерки и активности со цел спроведување на дадените приоритети од контролната стратегија во насока на одржување поволен јавен ред и мир и спречување и намалување на регистрирани кривични дела на подрачјето на ОВР Гевгелија. Според структурата на криминалитетот, ОВР Гевгелија во првите два месеци од 2024 година регистрирани се вкупно пет кривични дела од областа на економскиот криминал за физички лица, и тоа во јануари три дела а во февруари две ”, рече Бојмацалиев.
Во делот на недозволена трговија со дрога и оружје, Бојмацалиев рече дека во текот на овие два месеци откриени се два кривично правни настани со пет лица. Во текот на 2023 година, поднесени се четири кривични пријави од Закон за опојни дроги и психотропни супстанции, што е за 100% повеќе во однос на 2022 година, при што констатираше дека оваа тенденција продолжува и годинава.
Притоа, Бојмацалиев посочи и за резултатите во однос на спречувањето на илегалната миграција.
„Исто така, за одбележување е и заедничката соработка со Регионалниот центар ,,Југ“ во делот на сузбивање на илегалната миграција, па така, поднесени се шест кривични пријави, за сторени шест кривични дела против шест сторители, а откриени се 44 мигранти”, рече Бојмацалиев, со уверување дека и ОВР Гевгелија како и останатите организациски единици ќе продолжат со полициско работење кое носи високи резултати и ја гарантира безбедноста на граѓаните на највисоко ниво.