Невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца со Ди Те Пер вакцината од утре нема да се примаат во детските градинки. Здравствените инспектори почнуваат со вонредни контроли. Забраната и контролата важи и за приватните детски градинки.
Истовремено, како што најавија од инспекторатот, ќе се задолжат и вработените во предучилишните установи да изготват списоци со имињата на сите невакцинирани деца.
Вонредните контроли на здравствениот инспекторат доаѓаат по препорака на Комисијата за заштита од заразни заболувања и одлука на министерот за здравство со цел да се спречи ширењето на епидемијата со пертусис.
Лекарите велат дека ваквите мерки се потребни за да може да се стопира големата кашлица. Предупредуваат дека болеста е најопасна токму за најмалите деца кај кои може да даде и потешки компликации.