Руски студент е осуден на 10 дена затвор во Москва, откако ја преименувал својата Wi-Fi мрежа во проукраински слоган, објави Би-Би-Си.
Студент на Московскиот државен универзитет ја наслови мрежата „Слава на Украина!“, за што судот во Москва минатиот четврток го прогласи за виновен за прикажување „симболи на екстремистички организации“.
Од почетокот на руската војна во Украина, илјадници се осудени на затворски или парични казни за критикување на инвазијата или поддршка на Украина.
Студентот бил уапсен во средата наутро во Москва, откако полицаец го пријавил името на мрежата до властите.
Според судските документи, полицајците ја пребарале неговата соба во студентскиот дом на универзитетот и го пронашле неговиот персонален компјутер и рутерот за Wi-Fi.
Судот рече дека тој ја користел мрежата за „да го промовира слоганот „Слава на Украина!“ на неограничен број корисници во опсегот на Wi-Fi“. Рутерот го запленила полицијата, јави Би-Би-Си.
„Слава на Украина“ стана собирен извик за поддржувачите на Украина и редовно се слуша како скандираат за време на протестите против сеопфатната руска инвазија, која беше започната на 24 февруари 2022 година.