По два века неутралност и две години откако аплицираше, Шведска денеска и официјално станува 32-та членка на НАТО, што е голем чекор за земја која досега се придржуваше до воено неврзување за да не го навлече гневот на Москва.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон во Вашингтон официјално ќе му ги предаде на шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен документите за ратификација до кои земјата стигна по долги борби со одделни членки на Алијансата.
Сино-жолтото шведско знаме во понеделник треба да биде подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел.
Русија најави „контрамерки“
Минатата недела Русија вети дека ќе преземе „контрамерки“ како одговор на пристапувањето на Стокхолм во алијансата, што ќе зависи „од условите и степенот на интеграција на Шведска во НАТО“. Со приемот на Шведска, по Финска минатата година, сите земји со излез на Балтичкото Море, со исклучок на Русија, сега се членки на Атлантската алијанса.
Шведска и Финска, иако воено блиски со САД, историски претпочитаа да се држат настрана од НАТО, формиран за време на Студената војна против поранешниот Советски Сојуз. Иако Шведска придонесува за меѓународните мировни сили, таа не доживеала војна од конфликтот со Норвешка во 1814 година.
Путин го постигна спротивното од она што го сакаше
Хелсинки и Стокхолм истовремено ја објавија својата кандидатура за влез во НАТО во 2022 година, како реакција на руската инвазија на Украина. Рускиот претседател Путин, да потсетиме, започна војна против Украина и како една од причините го наведе „проширувањето на НАТО“. Имајќи предвид дека неговата војна против Украина го направи НАТО посилен за две економски и воено моќни членки, јасно е дека тој го постигна токму спротивното од она што го сакаше.
Финска доби пристап до алијансата минатиот април, а процесот на пристапување на Шведска беше попречен од преговорите со Турција, која се спротивстави на попустливоста на Шведска кон курдските активисти кои побегнаа на шведска територија, бидејќи некои од нив Анкара ги смета за терористи.
И унгарскиот премиер беше на пат за Шведска. Виктор Орбан начелно ја даде својата согласност, но пред крајот на процесот побара „почит“ од Стокхолм по долгогодишно „оцрнување“ на неговата политика.
На крајот на февруари, унгарскиот парламент конечно го ратификуваше членството на Шведска во НАТО.
Што мислат Швеѓаните за се?
Според анкетата на Радио СР емитувана во петокот, мнозинството Швеѓани веруваат дека нивната земја направила „премногу жртви“ за членството во НАТО, но признава дека безбедноста на Шведска е зајакната со тоа членство.
Приемот на Шведска во НАТО беше проследен со заострување на реториката на нејзините лидери, па врховниот командант на вооружените сили Микаел Бајден во јануари изјави дека неговите сонародници „мора психички да се подготват за војна“. Заедно со кандидатурата за НАТО, Шведска на почетокот на декември потпиша и договор со кој на САД им се дава пристап до 17 воени бази на нејзина територија.