Групата ДНК соопшти дека се собрани 80.000 евра за лекувањето на Леонид Индов.
„Собраните средства од хуманата лицитација заедно со златната бубамара, денес беа предадени на тетката на Лео. Господинот Кирче Митрески беше категоричен и не замоли “бубамарата” да стигне кај Лео, се со цел да го потсетува дека не е сам“, соопшти групата ДНК на „Фејсбук“.
Како што велат, се уште не е позната донираната сума преку телефонски повици.
„Досега само од донации (не се искалкулирани телефонските донации) се собрани околу 80.000 евра, и се надеваме дека со нив ќе ја затвориме сумата која е потребна за неговото лекување во Австрија. Тука нема да застанеме, и заедно со сите вас ќе застанеме до Лео и неговата фамилија, со што ќе докажеме дека сме сплотени кога е најпотребно. Во име на Лео и неговата фамилија, Фала ви од срце“, стои во објавата на групата.
Музичарите Панчо и Андреј претходно објавија дека успеале да соберат 690.000 денари за лекувањето на Леонид откога ја ставија на лицитација статуетката што ја добија на доделувањето на наградите на „Златна бубамара“.
Статуетката заврши кај Митрески Кирче од Охрид, кој ја дал најголемата понуда во износ од 250.000 денари.
И Владата и Министерството за здравство изјавија дека ќе помогнат да се покријат трошоците за лекување на младиот Леонид во Виена. Тоа го вети министерот за здравство Илир Демири, но кажа дека во предизборен период и во време на техничка влада системско решение не може да се најде.