(Видео) Бунарите пресушуваат, изворите се повлекуваат; наместо над 400, УХМР има 40 станици за следење на подземните води

Видео-Бунарите-пресушуваат-изворите-се-повлекуваат-наместо-над-400-УХМР.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Секнати кладенци, пресушени бунари, повлечени изворишта на вода и суви поила за стока станаа главна мака во речиси сите региони во Македонија. Експертите со години посочуваат дека причините за тоа што ја снемува водата се константното покачување на температурите и долготрајните сушни периоди, но за разлика од низата експертизи, студии и стратегии за воздухот и за површинските води, за подземните води никој не води грижа, нема студии, нема нови стратегии. Се снаоѓаат како умеат само оние кај кои водата пресушила.


„Овие бунари се од турско време. Имаше вода, пред две-три години снема. Потоа дупчев 15-16 бунари и таму нема вода. Се мачиме. Носиме вода со камионче, со комбе, со што најдеме. Имаме вработени, без вода не може да се функционира. На 130, на 80 метри, на 60 метри, на 40 метри, на 30 метри – вода нема“, вели Стое Илиевски, земјоделец од село Страцин.

Васко Стојов, хидролог во Управата за хидрометеоролошки работи, вели дека тие со години укажуваат на маловодие во земјата, но грижата за подземните води, место да се зголеми, со текот на годините се намалува.

„Во Управата за хидрометеоролошки работи од 1947 година постојат мониторинзи на подземни и површински води. Површинските се 110 хидролошки станици, а кај подземните постојат 115 официјални, меѓутоа поради намалување на средствата за работа со станиците и, едноставно, поради откажување на набљудувачите поради ниски награди, голем број од станиците се намалени. Во моментот се мониторираат четириесетина станици за подземни води. Тоа е многу малку и не ја покрива целата територија на Македонија. Затоа е потребно овој број да се зголеми барем на 400 и да бидат покриени и Кичевското Поле, и Малешевијата и Кривопаланечко. Да речеме, во струшкиот дел, од десетина станици, останати сме само на една станица, во охридскиот исто така треба да се зголеми бројот, Преспанскиот Регион има станици, но нема доволен број набљудувачи. Во Дојран немаме контрола на подземните води, во Тиквешко исто… Останати се мониторинзите во Скопскиот Регион, Тетовскиот, Овчеполскиот, во Струмица исто така во минатото имавме многу станици, а сега е останато само на две станици, а ова е земјоделски регион. Доволно кажува дека негрижата за водите придонесува за негативни последици врз самите води“, вели хидрологот Стојов.

Како институција вели дека со години укажуваат дека Македонија ќе биде под влијание на маловодие, а влијанието на климатските промени дополнително ја става земјата во многу тешка позиција. Во такви услови Стојов смета дека количините вода со кои располагаме мора правилно да се мониториираат.

Освен мониторингот, тој наведува низа конкретни мерки што може да придонесат за ублажување на проблемите со подземните води.

„Секако дека има начини да ги ублажиме овие проблеми со водите, меѓутоа не можеме да ги спречиме. Со разни мерки може да се ублажат овие проблеми. Тука се браните, една од мерките, кои треба да се градат секаде каде што има недостиг на води, особено источниот дел на државата. Браните ќе формираат акумулации и ќе овозможат сите оние вишоци вода што се јавуваат со топење на снегот при обилни врнежи понатаму да се користат во услови на маловодие“, посочува хидрологот Стојов.

Формирањето акумулации, кои ќе ја задржат водата во горните текови, е само една од мерките. Хидрологот Стојов смета дека од особено значење се и пошумувањето на голите делови, кои ќе ја задржат водата на тие места, брани и прегради на сите суводолици, каде што има опасност од поплави при поројни дождови, а како особено актуелна мерка во светот го наведуваа жнеењето вода со копање канали по изохипсите на планините, како што има кај нас на Водно. Во градските средини Стојов смета дека се потребни подземни резервоари.

„Во услови кога сè е асфалтирано, не се дозволува да понира водата во подземните води и се случува да се јавува слегнување на почвата и тоа негативно влијае на темелите на објектите. Ние насекаде имаме големи површини со паркинзи, имаме бетонски површини, кои мора да бидат обезбедени со подземни резервоари, кои би ја собирале таа вода и не би дозволиле да истече неповратно, би ја задржале во сливот“, вели Стојов.

Професорот Михаил Гаревски, кој е и директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени, е согласен дека е можно слегнување на почвата во услови на суша, но тоа е само на површината на земјата. Тој вели дека климатските променине влијаат на земјотресите.

„Генерално, се смета дека климатските промени не влијаат на зголемена појава на земјотресите иако има некоја логика бидејќи климатските промени се поврзани со сушите и сите овие работи. Нивото на подземните води се намалува и може да дојде до релаксација на напоните на земјината површина, која може да предизвика некој тип на индуцирана сеизмичност. Големи докази нема дека навистина климатските промени може да иницираат земјотреси, особено не земјотреси со многу големи магнитуди. Би рекол дека не може да иницираат ниту магнитуда 5 или поголеми, а магнитуди што се исклучително мали човекот не може ни да ги почувствува. Се бележат само со мерни инструменти. Такви се магнитуда 2 или магнитуда 1,5. Тие можеби се предизвикани како резултат на овие климатски промени, но такви земјотреси има многу често, па доаѓа до коинциденција дека не е таа директна корелација оти врнело, па еве сега се јавил нов земјотрес. Или како што секогаш велиме дека скопскиот земјотрес е резултат на поплавата од 1962 година, што воопшто не е точно. Тоа било еден вид, така да кажам, коинциденција“, вели Гаревски.

Климатските промени, зголемувањето на температурите, долготрајните суши и поплавите Гаревски потврдува дека влијаат на подземните води за кои е очекувано да дојде до намалување, кое ќе биде критично за следните генерации.

„Подземните води се поврзани со нивото на езерата. Подземните води се поврзани и со богатството вода на Рашче. Шарските води на некој начин ја полнат котлината. Ние на некој начин сме на ниво помеѓу десет и три метри варирање на подземната вода во Скопската Котлина. Сигурно дека ќе дојде до некое намалување на подземните води, може да има и некои други последици, но сè уште не е толку видно. Сè уште не е критично. Би сакал да напомнам дека практично климатските промени и последиците од нив ќе ги почувствуваат нашите внуци. Да не кажам уште повеќе, правнуците. Ние многу нема да ги почувствуваме бидејќи тука температурата не варира многу и таргетот за регулација на испуштањето јаглероден диоксид до 2050 е глобалната температура да не се зголеми повеќе од 1,5 степен. Сега сè­­­ уште сме загрижени дали ќе може овој таргет да се постигне до 2050 година, но се работи на тоа“, објаснува Гаревски.

Неговиот Институт, меѓу другото, издава одобренија за безбедно поставување фотоволтаици, кои масовно се поставуваа изминативе две години. За нив Гаревски вели дека се една од конкретните мерки за намалување на глобалното затоплување, мерка на која Македонија, како и сите земји во светот, е обврзана да работи. Иако можеби оние што ги поставуваат се водат од бизнис-логика, а не од грижа за животната средина, Гаревски смета дека многу придонесуваат во користењето обновливи извори на енергија, што е една од главните мерки за намалување на глобалното затоплување оти има нула испуштање јаглероден диоксид.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK