Почесниот претседател на Баерн, Ули Хенес без влакна на јазикот проговори за случувањата во денешниот фудбал.
Во едно интервју рече дека не може да разбере како некои клубови се однесуваат кога се во прашање трансферите.
„Денес целиот свет бара нови играчи кога некој ќе се повреди и ќе пропушти три недели. Често ја гледам бесмислата во овој бизнис“, изјави Хенес, а потоа додаде:
„Возбудата околу трансферите за време на преодниот рок често ме остава без зборови. Еднаш си помислив: „Ова е кафез полн со лудаци“. Извештаите од преодните рокови само го потврдуваат моето мислење“.
Поради затајување данок, Хенес мораше да помине одредено време во затвор. Тој беше осуден во 2014 година на три ипол години затвор. Беше ослободен порано, во 2016 година, а остатокот од казната му беше условен.