Британија ќе преземе одредени мерки поради смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во притвор и ги повикува другите земји да го сторат истото, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Камерон.
„Кога ќе се случат страшни прекршувања на човековите права како ова, треба да има последици“, изјави Камерон за „Скај њуз“.
„Сега бараме поединци кои се одговорни, ја разгледуваме можноста да преземеме одредени мерки“, додаде тој.
Руската затворска служба објави дека Навални (47) колабирал и починал во петокот по прошетката во казнената колонија на Арктикот.
Портпаролката на Навални, Кира Џармиш, денеска ја потврди информацијата за неговата смрт, повикувајќи се на официјалното известување што го добила неговата мајка Људмила.
Западните лидери и официјални лица изразија гнев поради смртта на Навални, најжестокиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот таа реакција ја нарече неприфатлива.
Британската влада претходно објави дека ќе повика службеник од руската амбасада за да даде до знаење дека ги смета руските власти целосно одговорни за смртта на Навални.
Камерон одби да елаборира за потенцијалните потези и рече дека ќе разговара за ова прашање со своите колеги од Г7 и лидерите на другите нации на безбедносната конференција во Минхен.