Помина речиси половина година од објавата на скандалот на Онкологија и речиси една година од објавата на ревизорскиот извештај за оваа Клиника кој јасно и недвосмислено укажа за низа неправилности, вели претседателот на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Николов.
Нема систем кој за пациентите ќе овозможи континуирана терапија, следливост на терапијата, нема ништо од ветувањето за децентрализација на областа на онкологија, нема зајакнување на кадарот ниту на Клиниката за онкологија каде што се третираат најтешко болните пациенти со канцер, рече тој.
Како што додаде, за пациентите нема гаранција дека за извесен период од денес ќе има лекови, не се знае дали ќе бидат почитувани законските процедури за набавка, дали ќе има доволно буџет за современата терапија.
„Пациенти кои се третираат на Клиниката за онкологија ни реагираат дека нема доволно медицински сестри на Клиниката, а дневната болница работи само со половина капацитет. Нејасно е како надлежните институции како што се Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување не обезбедуваат медицински кадар за оваа институција, во исто време додека без проблем предизборно течат огласи за административни вработувања, во исто време не се води грижа за медицинскиот персонал. Пациентите од Клиничката болница во Битола реагираат дека се трошат последните количини на лекови по што ќе биле препраќани на Клиниката за онкологија во Скопје, бидејќи за Битола не е планирана набавка“, рече Николов.
Како што додаде, показател за немање на системска грижа за пациентите со малигни заболувања се отсликува и во секојдневниот предизвик за борба за основни лекарства со што заради неспособноста и негрижата на Владата на ДУИ и СДС не враќаат 20 години наназад во однос на третманот на овие пациенти.
Истовремено, вели Николов. се јавува и недостиг на терапија и кај пациентите со ретки болести, кај пациенти со дијабет, невролошки заболувања, како и друга категорија на заболени.