Моментално на државно ниво има регистрирано 34 заболени од пертусис, објави новиот министер за здравство, Илир Демири.
Тој упати порака до родителите со мали деца дека најголемо достигнување во здравствениот систем е вакцинацијата.
„Децата треба да се вакцинираат, па да се вратат во градинка. Ако не се вакцинирани, треба да ги прашате родителите како ќе го организираат чувањето на детето“, рече министерот одговарајќи на новинарски прашања.
Центарот за јавно здравје-Скопје прогласи епидемија на голема кашлица поради пораст на бројот на случаи.
Александар Петличковски, претседателот на Комисијата за заразни болести минатата недела препорача забрана за прием на невакцинирани деца против пертусис во градинките и апелираше сите што ја пропуштиле вакцинацијата со редовниот календар – да се вакцинираат.