Грчкиот парламент денеска ќе гласа за законот за легализација на истополовите бракови. На ова се спротивставува Грчката црква, но поддршка за законот најавија владејачката Нова демократија, главните опозициски партии Сириза и ПАСОК, Курс слободно, како и Новата левица, објави „Катимерини“.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Грци ја поддржуваат предложената реформа. Тоа прашање не предизвика длабоки поделби во земјата, каде граѓаните се повеќе загрижени за високите трошоци за живот, пренесува АП.
„Катимерини“, пак, наведува дека предлог-законот предизвикува превирања кај ПАСОК и Сириза, односно постои можност неколку пратеници на тие партии да се воздржат од гласање.
Претставниците на грчката црква тврдат дека легализацијата на истополовите бракови може да доведе до идно проширување на правата за сурогат мајчинство за геј паровите.