Абу Ибрахим, раселениот Палестинец кој живее во трошен шатор во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, вели дека „живееле во кошмар и се надеваат дека ќе се разбудат од него“.
Ибрахим (50) смени неколку места на живеење во текот на повеќе од два месеци кога почнаа израелските напади врз Газа и им беше кажано да ги напуштат своите домови.
Пред 80 дена тој го напушти својот дом во Абасан Ал-Џадид, источно од градот Кан Јунис во јужната енклава.
Екипата на Анадолу откри каде тој се обидува да направи храна за своите деца и сопруга.
„Погледнете ги моите раце, моите очи и моето лице. Сè е црно од овој оган бидејќи не можеме да најдеме ништо друго да го запалиме огнот освен хартија, слама и најлон. Црниот чад ми ги пече очите“, изјави Ибрахим.
Израел започна напади врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, при што според локалните здравствени власти загинаа најмалку 21.110 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се 55.243 други.
„Пиеме загадена вода и јадеме загадена храна, а тоа го знаеме затоа што најчесто ја готвиме користејќи најлон, кој ја покрива храната со својот црн чад. Но, ние немаме друга опција бидејќи имам деца да ги хранам. Посакувам да го сонувам ова и да се разбудам. Во секој момент се прашувам дали ова е сон или реалност?“, рекол Ибрахим.
Тој посочи дека се во состојба на хистерија поради нехуманите услови во кои живеат.
„Никогаш не очекувавме дека ќе доживееме таков ден. Ова е кошмар. Секогаш кога се движиме, израелските сили ги бомбардираат областите каде што бараме засолниште и ни велат да продолжиме понатаму“, рече Ибрахим.
Не знае во каква состојба е неговата куќа, но се надева дека ќе се врати во неа.
„Сакам да се вратам во мојата куќа и да живеам како нормален човек, оставајќи го бездомниот живот зад себе“, изјави Ибрахим.
Во еден дел од шаторот седат сопругата и децата на Ибрахим.
„Не можам да верувам дека сме во оваа ситуација, не можам да се навикнам. Се чувствувам како да живеам во кошмар“, рече таа, прашувајќи се себеси: „Дали навистина ова е нашиот живот?“.
Во друга блиска област во Рафах, Ахлам Шалх седи со своите деца откако беше раселена од бегалскиот камп Нусејрат.
„Јас сум од градот Газа. Бевме во кампот Нусејрат на почетокот на војната, а вчера израелската армија побара од нас да го напуштиме кампот и да одиме во Деир ал Балах или Рафах“, рече Ахлам.
Тие решија да заминат во најјужниот дел на Појасот Газа, но не најдоа засолниште.
„Седиме овде без храна, вода, па дури и без ќебиња“, рече Ахлам.
Хинд Абдел Наби, друга раселена Палестинка, чија ситуација не е многу поинаква, рече дека дошла во градот Рафа со своето дете, кое боледува од срцеви заболувања.
„Не можам да најдам никакво засолниште, дури ни ќебиња. Ладно е ноќе. Барав шатор за моите деца, но не успеав да го најдам“, изјави Наби за „Анадолу“.
Како резултат на израелските напади, Газа е во урнатини. Околу 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е уништена или оштетена, а речиси два милиони луѓе се раселени и се соочуваат со недостиг од храна, чиста вода и лекови, пишуваат медиумите во светот.