Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на брифинг со уредници и новинари кои следат одбрана разговараа за активностите кои ја одбележаа годината која изминува, како и плановите за развој на одбраната и Армијата за 2024 година.
Во услови на нарушена безбедност на континентот, Северна Македонија е безбедна и стабилна земја, порача министерката Петровска и додаде дека континуирано се инвестира во зголемувањето на борбената готовност, во набавката на нова и модерна опрема и во развојот на човечкиот потенцијал во одбраната. Петровска информираше дека буџетот за одбраната во 2024 година ќе изнесува 2,05% од бруто-домашниот производ и дека една третина од средствата ќе бидат наменети за модернизацијата на Армијата.
„Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05% од бруто-домашниот производ, од кои повторно една третина ќе одвоиме за модернизација и опремување. Тоа ќе овозможи набавките на оклопните возила JLTV, оклопните возила Stryker, системите за против-воздушна одбрана Mistral 3 и артилериските орудија Boran да продолжат да пристигнуваат согласно договореното“, рече Петровска. Изрази очекување дека првите Stryker возила ќе пристигнат до крајот на 2024 година, додека два хеликоптери кои се во фаза на ремонт ќе се вратат во Северна Македонија во првата половина на следната година.
Во однос на човечкиот потенцијал, министерката се осврна на новиот Закон за вработените во одбраната кој се наоѓа во собраниска процедура и кој ќе овозможи раст на стандардот на вработените кои се клучна алка во безбедносниот систем.
„По измените во Законот за служба во Армијата, и бројните поволности за армиските припадници во зголемувањето на нивниот стандард, во 2024-тата година тоа ќе го направиме и за службениците во одбраната со новиот Закон за вработените во Министерството кој се наоѓа во собраниска процедура. Ако пратениците од која било партија навистина сакаат да го валоризираат трудот на вработените во одбраната кои се одговорни вклучително и за нивната безбедност како граѓани на оваа земја, ќе го поддржат ова законско решение без никакви калкулации и уцени“, рече министерката.