Согласно стратешките определби на државата и потребите на граѓаните, одлучивме на следните избори, Либерално-Демократската партија да настапи како дел од коалиција која ќе се залага за брза интеграција на Македонија во Европската унија.
„За Македонија не постои друг пат, освен приклучување кон европското семејство. За доброто на државата и на граѓаните одлучивме да се приклучиме на коалицијата со која имаме исти определби во однос на евроинтеграциите“, истакнаа од Централниот одбор на ЛДП.
ЦО ја овласти претседателката на ЛДП Моника Зајкова да ги води преговорите за идно коалицирање.
„Континуирано дејствуваме во насока на брза интеграција на Македонија во ЕУ. Секојдневно ја потврдуваме нашата заложба во тој правец, па и оваа одлука, за приклучување кон коалиција со која имаме слични програмски определби и единствена цел брза европска интеграција , е донесена врз основа на идеалите кои ги негуваме. Нашата мисија е исклучиво во правец на работење за доброто на граѓаните и токму поради тоа ја очекуваме нивната поддршка на претстојните избори“, изјави Зајкова.
ЛДП, следејќи ги демократските вредности и потребите на државата, ќе даде поддршка за формирање на техничка влада, која ќе ја гласаат и во која ќе учествуваат припадници на опозицијата.
„Апелираме да се почитуваат законските прописи и веднаш да се избере член на Државната изборна комисија (ДИК), со цел да не создаде ниту една причина која би можела да остави дамка врз изборниот процес“, истакнаа од ЦО.
ЦО, врз основа на одлуката на Извршниот комитет на партијата, за шеф на Централниот изборен штаб на ЛДП го избра генералниот секретар Боби Мојсоски.
Избран е и тимот за програмски преговори во рамки на претстојната Коалиција, предводен од потпретседателот Валентин Груевски, претседателката на Форумот на жени – Билјана Аврамоска Ѓореска, претседателката на ЛиДеМ – Јелена Мишиќ и член на ИО – Горан Петрушев.