Новиот амбасадор на Албанија во Велика Британија, Уран Феризи, илегално влегол во земјата во 1998 година, лажно тврдејќи дека е од Косово и дека бега од војната, пишува „Дејли Мејл“.
Тој беше прифатен за нов амбасадор од британското Министерство за надворешни работи, по што во Бакингемската палата и формално ќе му ги предаде акредитивните писма на кралот Чарлс Трети.
Весникот наведува дека повеќе извори потврдиле дека Феризи со камион допатувал во Британија како илегален мигрант, без никакви документи за идентификација, по што му било дозволено да остане во земјата додека се разгледува неговиот случај.
Меѓутоа, во мај 2000 година се оженил со Британката, Сара Ленон, врз основа на што добил дозвола да престојува во Велика Британија на неопределено време. И покрај тоа што никогаш не работел во дипломатската служба, албанската влада го предложила за амбасадор во јуни годинава.
Во биографијата на новиот албански амбасадор стои дека тој е математичар и информатичар кој студирал на Универзитетот Оксфорд, а во периодот од 2006 до 2008 година бил финансиски аналитичар, по што се преселил во САД каде работи како научен истражувач на Универзитетот во Њујорк и Стенфорд.
Поранешната министерка за надворешни работи на Албанија, Едит Харџи, рече дека „не е дипломатски, морално или етички правилно некој што влегол нелегално во Обединетото кралство да биде назначен за амбасадор“.
„Амбасадорската работа во Лондон е најважна и најпрестижна по Вашингтон, но Феризи нема искуство во дипломатската служба“, посочи Харџи.
Во текот на последните 10 години, илјадници Албанци илегално влегоа во Обединетото Кралство, со камиони и со мали чамци преку Ла Манш.