Интервју со Дајана Цвјетковиќ – програмска менаџерка на СМАРТ Балкан од Центарот за промоција на граѓанското општество од БиХ

dajana cvjetkovich
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Минатата недела СМАРТ Балкан проектот одржа регионална конференција во Скопје насловена “Мир и просперитет во Западен Балкан: Што му се заканува на регионот и како да се искористат можностите”. Која е вашата оценка и заклучок од конференцијата, каде сме сега на ова поле и кои се вашите цели преку реализацијата на овој проект?

Со оглед на покажаниот интерес од страна на граѓанските организации да дискутираат, да придонесат со свои идеи и примери на добри практики од целиот регион, сметам дека имавме успешна и продуктивна конференција. Но фактот дека имавме навистина еминентни говорници на панелите, всушност ги покажува нивните настојувања да придонесат за градење мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан. Од друга страна, ова е потврда дека има потреба да продолжиме со вложување енергија и напори, време, но и буџетски средства во мирот и просперитетот. Ова знае понекогаш и да не растажи, бидејќи гледаме дека иако се поминати 20-30 години од последните војни на Балканот, се уште мораме активно да работиме на овие прашања. Би додала и дека се она што можевме да го слушнеме и научиме од оваа конференција е дека не можеме да кажеме дека постои мир се додека постојат тензии помеѓу земјите од Западен Балкан. Напротив, постои состојба на примирје во која сите ние мора активно да се вклучиме како би ги елиминирале тензиите. Јас лично сметам дека ние коишто сме родени кон крајот на 80те и почеток на 90те години дека се навикнавме на живот под тензии поради што и можеби веќе не ги препознаваме. За почеток, сите организации заклучивме дека мораме заеднички да започнеме да работиме на намалување на тензиите и изнаоѓање начини за решавање на проблемите и воспоставување дијалог.


 

Кои се активности се спроведуваат преку проектот СМАРТ Балкан и колку организации се вклучени во овој проект?

Проектот СМАРТ Балкан е пред се специфичен по тоа што е развиен од локални граѓански организации од Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија. Ние како локални организации понудивме еден сосема поинаков пристап до владата на Норвешка, што дава до значење дека ние ја цениме локалната власт, дека ја знаеме реалната ситуација на терен и имаме поразличен пристап кој е секогаш инклузивен. Сепак, ова не значи дека сме инклузивни во смисла да вклучиме што поголем број организации, напротив, повеќе сме насочени на квалитет. Ова значи дека вклучуваме организации кои ги покриваат областите сигурност, стабилност и добро владеење, како заеднички би ги креирале и приоритетите за јавните повици, а во исто време и во креирање на образовните програми што ги нуди овој проект СМАРТ Балкан. Покрај образовните програми во коишто имаме и менторства, едукативни видеа и туторијали, онлајн поддршка и обуки, организираме и регионални разговори и дебати со коишто започнуваме и нови теми и области на делување. Овде е вклучена употребата на вештачка интелигенција во програмите коишто ќе треба да ги имплементираме или пак потполно нови пристапи за Западен Балкан. Како некој којшто долги години работи во областите зголемување на капацитетите на граѓанските организации, особено сум горда на поддршката којашто ја даваме преку грант програмите.

СМАРТ Балкан на последната конференција додели регионални и оперативни грантови во кои се вклучени граѓански организации од Македонија и од останатите земји од Западен Балкан, но ова не се први грантови коишто организациите имаат можност да ги добијат преку проектот. За каков тип на грант програми станува збор, колку средства и граѓански организации се вклучени?

До завршувањето на овој проект планираме да поддржиме околу 450 граѓански организации со вкупен буџет од скоро 14 милиони евра. На последниот повик којшто го имавме, на регионалната конференција доделивме грантови за граѓански организации во износ од 1.8 милиони евра за 11 регионални проекти. Ова се проекти од средна големина со вклучување на минимум три држави во проектот и обработуваат различни прашања од регионален карактер. На пример, онлајн насилството на интернет за кое видовме како всушност се одразува на менталното здравје кај децата и младите, за истиот проблем ќе развиеме еден механизам преку овие проекти за како да се спречи онлајн насилството помеѓу децата и младите и во училиштата, а во исто време и едукација на родителите да знаат како да реагираат. Во однос на другите регионални проекти, морам да напоменам дека посебен фокус ставивме на прашањето насилство врз девојчиња и жени бидејќи сме сведоци на немили случувања во последните година дена во сите земји од регионот каде голем број жени го загубија својот живот токму поради нерамноправност во општеството, а потоа и конкретно поради несоодветната реакција на системот. Имаме и програми за млади со инвалидитет и дел од проектите со фокус на мониторинг на приватно-јавното партнерство во делот на спроведување на проектите. Ова се различни теми засебни за себе, но сите спаѓаат во областа стабилност, сигурност и добро владеење. Дополнително ги имаме и оперативните грантови кои се цел на сите граѓански организации.

Колкава е заинтересираноста кај граѓанските организации од Западен Балкан за аплицирање за некоја од вашите грант програми коишто ги нудите?

Многу поголем е покажаниот интерес од страна на граѓанските организации во сите шест земји од она што ние очекувавме. За жал, не можеме позитивно да одговориме на сите нивни потреби и барања. Важно е да се напомене дека граѓанските организации се соочуваат со недостаток на средства за реализација на своите проекти и стратешки планови и токму овде гледаме голем интерес од нивна страна. Од друга страна пак за жал имаме и голем број организации коишто не покажуваат иновативност, кои се обидуваат да  рециклираат стари идеи и проекти кои веќе се имплементирале пред 10, 15 или 20 години. Ваков тип на проекти нема да поминат и по цена и да не го доделиме предвидениот број на грантови коишто сме ги планирале затоа што оваа програма за разлика од останатите е насочена на постигнување реални и видливи резултати. Искрено верувам дека многу организации после првиот повик си ја научија лекцијата, па така на вториот повик пристигнаа многу квалитетни, иновативни и навистина храбри проекти. Ние, граѓанскиот сектор не треба да бидеме оние коишто ќе ги имплементираат барањата и целите на властите, напротив, треба да бидеме критичари и во исто време конструктивни соработници. Во јануари ќе излезе новиот повик за национални интервенции, креативни кутии и медиумски грантови, за што ја користам приликата да ги повикам сите организации да бидат иновативни и да аплицираат.

Постојат ли мерливи и видливи резултати од оние регионални грантови кои што се во фаза на реализација и што вие можете да издвоите како најзначајни придобивки за СМАРТ Балкан?

На првиот повик доделивме 9 регионални проекти коишто се веќе во првата половина од процесот на имплементација. Можеме да видиме одредени промени и резултати, но вистинските резултати ќе можат да се забележат дури за шест месеци од сега.

Кои се крајните очекувања од реализацијата на СМАРТ Балкан проектот?

Крајните очекувања ни се дека ќе ги засилиме граѓанските организации кои се дел од оваа програма за 50% да бидат поодржливи, гласни и да бидат многу повеќе почитувани во процесите на носење на одлуки во своите земји, но и во регионот. Тоа е нашата примарна задача, а тие пак ќе работат на активности во областа на сигурноста, стабилноста и доброто владеење. Сигурни сме дека овој проект ќе ги подобри капацитетите на голем број граѓански организации кои преку оперативните грантови ќе можат да осигураат одржливост на организацијата и по завршување на проектот и нашата поддршка во тој процес, да продолжат самостојно да делуваат. Во однос на националните интервенции, очекуваме дека ќе имаме минимум 15 такви коишто ќе придонесат кон промена на системот во земјите. Што се однесува пак до локалните иницијативи, во некои општини успеавме да воведеме механизам за редовна контрола на питка вода, што е навистина важно за сигурноста на локалното население. Сега мора да работиме на мониторинг, а за нас е навистина значајно што преку овие локални иницијативи ги поттикнавме локалните организации, но и граѓаните да бидат што повеќе организирани, гласни и вклучени во решавање на проблемите. Целта на СМАРТ Балкан проектот не е ние да ги решаваме проблемите, туку граѓанските организации и граѓаните сами да почнат да се борат за своите права. Знам дека овие работи се нормален елемент во едно демократско општество, но во земјите во коишто живееме ние и понатаму мора да ги потсетуваме граѓаните да не чекаат на другите, туку да се борат самите за своите права.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK