Собранието на Република Северна Македонија на првиот ден од 135. седница, го избра новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата и на судирот на интереси (ДКСК).
Со 97 гласа „за“, присутните пратеници едногласно ја донесоа Одлуката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, според која претседател на оваа Комисија ќе биде Татјана Димитровска, дипломиран економист. За членови на ДКСК, по предлог на Комисијата за избори и именувања, а врз основа на спроведениот јавен оглас, пак, се избрани Софија Спасова Медарска, Билјана Каракашова Шулев, Бесник Џемаиљи, Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Сервет Демири. Мандатот на новиот состав на ДКСК ќе почне од 8 февруари следната година.
Собранието, исто така, донесе Одлука за избор на претседател, членови и заменици – членови на Советот на Собранискиот канал, по предлог на група пратеници, односно на координатрите на пратеничките групи во Парламентот. За оваа Одлука гласаа 94 пратеници, а еден беше воздржан.
Откако беа донесени и две одлуки за ратификација на спогодби меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како и Одлука за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за заеднички гранични премини „Блаце-Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“, Собранието ја почна расправата по Предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, во второ читање.