Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп го коментираше проектот наречен европска Суперлигата. Го поддржа клубот кој соопшти дека нема намера да биде учесник во ова натпреварување.
„Вчерашната пресуда на Европскиот суд на правдата не ја менува претходната позиција на Ливерпул за предложената европска Суперлига. Не планираме да бидеме вклучени. Ќе продолжиме да работиме со други клубови преку EЦA (Европска клупска асоцијација) и ќе учествуваме во натпреварите на УЕФА“, соопштија од Ливерпул.
„Целосно се согласувам со ставот на клубот. Но, ми се допаѓа и тоа што сфативме дека УЕФА и другите фудбалски асоцијации не можат да прават што сакаат. Вметнуваат натпревари и натпревари, а никој ништо не смее да каже. Ми се допаѓа тоа што УЕФА и другите се малку потресени“ рече Клоп.
Европскиот суд на правдата во четвртокот пресуди дека УЕФА и ФИФА постапиле спротивно на законот за натпреварување кога пред две години ја забранија Суперлигата. Пресудата не значи дека Суперлигата повторно ќе се формира, туку само дека тоа треба да се дозволи во иднина. Основачи на Суперлигата се челниците на моќните европски клубови Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.