Чешката полиција презеде мерки на претпазливост за училиштата во таа земја по масовното пукање на универзитетот во Прага во кое беа убиени 15 лица.
Исто така, Владата ја прогласи сабота 23 декември за Ден на национална жалост.
„Од денеска донесовме национални превентивни мерки во однос на чувствителните цели и училиштата. Немаме информации за конкретна закана и тоа е навистина превенција – сигнал дека сме тука и дека сме подготвени“, соопштија од полицијата.
Напаѓачот, 24-годишниот Дејвид Козак, студент на тој универзитет, по случаен избор пукал во своите колеги. Тоа е едно од најлошите масовни убиства во историјата на Чешка. Засега не е познат мотивот за злосторството.
Чешката полиција соопшти дека не се работи за терористички чин. Се сомнева дека Козак го убил и својот татко во утринските часови, во предградието на Прага.
Медиумите јавуваат дека напаѓачот се самоубил кога пристигнала полицијата.
„Владата донесе заклучок во кој изразува длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а со едноминутно молчење на почетокот на владината седница им оддадовме почит на жртвите од престрелката“, соопшти Фијала, пренесува „Новинки“.
Тој ги повика граѓаните на Чешка на 23 декември во 12:00 часот на едноминутно молчење, додавајќи дека во тоа време ќе бијат и црковните ѕвона низ целата земја.
Чешката полиција го откри идентитетот на 11 од 14-те жртви на пукањето на универзитетот во Прага и објави дека напаѓачот, 24-годишен студент, легално поседувал огнено оружје и бил инспириран од слични настани во странство.
Полицијата соопшти дека цела ноќ работела во зградата на Филозофскиот факултет и дека се уште работи на утврдување на идентитетот на преостанатите жртви, објави чешката новинска агенција „ЧТК“.
Во рамки на мерките на претпазливост, на улиците ќе има и вооружени полицајци, соопшти полицијата.
Напаѓачот е 24-годишен студент кој легално поседувал огнено оружје и немал криминално досие. Според полицијата, тој бил инспириран од сличен случај во странство, а пукањето очигледно било дело на осамен вооружен маж.