Изминатиот викенд на ден 16.12.2023 година во Хотел Континентал – Скопје се одржа редовно годишно и изборно собрание на Македонската Спортска Стрелачка Федерација. На ова годишно собрание пред делегатите се даде оттчет за финансиското работење на МССФ во текот на 2021 и 2022 година, извештај од надзорниот одбор на МССФ како и Извештај од Претседателот на МССФ Јордан Тасевски.
Во текот на собранието беше приложена и програмата на МССФ за плановите во натпреварувачката 2024 година, а под точката избор на Претседател бидејќи немаше пријавено друг кандидат по повикот на МССФ кој траеше од 01-20.09.2023 година од страна на делегатите на собранието повторно за втор мандат едногласно му беше доделена довербата на актуелниот Претседател Јордан Тасевски.
Од страна на Претседателот и новоизбраните членови на управниот одбор на МССФ беше изразена благодарност до сите присутни делегати за довербата која ја даваат истиот МССФ да ја предводи и во наредните 4 (четири) години. Од страна на Претседателот Јордан Тасевски беше истакнато дека како во изминатите 4 (четири) години од 2019 -2023 така и во наредните 4 (четири) години од 2024-2027 ќе се залага МССФ, клубовите и спортистите да ги добијат сите потребни услови за развој на спортското стрелаштво и ќе се продолжи со набавка на нова опрема, учество на натпревари, подготовки и семинари со цел остварување на уште повисоки резултати на домашните и меѓународните натпревари. Ќе се продолжат интензивните преговори и ќе се вложат сите напори за стекнување со простории во спортската сала Партизан во Карпош која ќе биде наменета за национално стрелиште со современа опрема во која интензивно ќе се подготвуваме за претставување на стрелаштвото како добар домаќин на Европските младински олимписки игри кои не очекуваат во јули 2025 година.
Исто така се истакна дека МССФ како и досега ќе продолжи многу добро да соработува со Светската Стрелачка Федерација и Европската Стрелачка Федерација од кои се очекува и во иднина да го поддржуваат Македонското спортско стрелаштво. Извонредната соработка ќе продолжи и со нашите најголеми поддржувачи: Агенција за млади и спорт, Олимпискиот комитет, Министерството за внатрешни работи и Армијата на Р. Македонија која е на високо ниво како и меѓусебната поддршка од страна на нашите спонзори и поддржувачи кои се во се поголем број поради довербата кон ова раководството на МССФ. На крајот од годишното и изборно собрание Претседателот на МССФ додели златни плакети по повод 75 години од формирање и постоење на Македонската Спортска Стрелачка Федерација на членови од Управниот одбор, тренери, селектори и заслужни спортисти на кои им се заблагодари за поддршката и придонесот за популаризација и развој на Македонското спортско стрелаштво.