Медицинската состојба на пејачката е неизлечива и ова невролошко нарушување предизвикува телото да ги напаѓа сопствените нервни клетки и сериозно влијае на мобилноста.
Здравствената состојба на познатата пејачка Селин Дион (55) ѝ се влошила и според информациите што ги сподели сестра ѝ, познатата музичарка изгубила контрола над мускулите. Да потсетиме дека пејачката страда од невролошко нарушување наречено синдром на вкочанета личност, а сестра ѝ Клодет откри дека музичарката, позната по хитот My Heart Will Go On, продолжува да работи напорно и сонува да се врати на сцената.
Минатата година, поради лоша здравствена состојба, Селин беше принудена да ја откаже светската турнеја. Тогаш брат ѝ и порача на јавноста дека фановите ќе мора да го чекаат настапот на сестра му бидејќи нејзината здравствена состојба е тешка и непредвидлива. Здравствената состојба на пејачката е неизлечива и ова невролошко нарушување предизвикува телото да ги напаѓа сопствените нервни клетки и сериозно влијае на подвижноста.
„Работи напорно и навистина се труди, но нема контрола над мускулите. Она што ми го кине срцето е тоа што таа секогаш беше дисциплинирана. Таа секогаш работеше напорно. Нашата мајка секогаш велеше дека Селин ќе направи сè добро“, раскажува Клодет за медиумите и додава: „Вистина е дека нејзиното враќање на сцената е сон и за нас и за неа. Во кое својство? Не знам. Гласните жици се мускули, а и срцето е мускул и не знаеме како болеста ќе влијае на тоа“.
За тоа е свесна и Селин Дион, која им соопшти на своите фанови кога откри од што боледува.
„За жал, овие грчеви влијаат на секој аспект од моето секојдневие. Понекогаш ми го отежнува одењето и не ми дозволува да ги користам гласните жици за да пеам како што сум навикната“, напиша таа на „Инстаграм“ кога откри дека се повлекува од сцената додека не оздрави. Добротворната организација на нејзиното семејство, Фондацијата „Маман Дион“, е преплавена со пораки за поддршка на ѕвездата.
Клодет рече: „Не губиме надеж иако оваа болест не е доволно истражена и малку знаеме за неа. Само да знаевте колку телефонски повици прима Фондацијата за Селин! Луѓето ни велат дека ја сакаат и се молат за неа. Таа добива толку многу пораки, подароци…“