Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа може да има „големо влијание“ врз војната во Украина, предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ако политиката на следниот претседател, кој и да е тој, ќе биде различна кон Украина, постудена или поштедлива, тогаш мислам дека овие сигнали ќе имаат силно влијание врз текот на војната“, рече Зеленски.
Зеленски оцени дека Доналд Трамп е „поинаква личност“ од Џо Бајден и дека затоа ќе има „поинаква политика“. Сепак, украинскиот претседател се надева дека ќе се задржат главните карактеристики на американската политика кон Киев, пишува агенцијата Франс прес.
Претседателските избори во САД ќе се одржат во ноември следната година, а многу набљудувачи веќе ги сметаат за декларација за континуираната поддршка на Западот за Украина. Намалувањето на американската поддршка за Украина би можело да влијае и на онаа на Европската унија, која „сигурно нема да има позитивен ефект врз Украина“, смета украинскиот претседател.
„Убеден сум дека САД нема да не издадат, дека ќе се почитува она што таму го договоривме“, смета Зеленски. Тој го изјави ова неколку дена по враќањето од дипломатската турнеја чија цел беше да ги убеди САД и Европа да продолжат со воената поддршка на Киев, кој речиси две години се бори против Русија.
На патувањето тој успеа да ги отвори пристапните преговори со ЕУ, но не успеа да добие поддршка од американскиот Конгрес за околу 61 милијарда долари нова помош. Ниту ЕУ не успеа да се договори за пакет помош од 50 милијарди евра за Украина, бидејќи беше блокиран од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Зеленски рече дека би сакал да се сретне со него за „да се најде решение“ за несогласувањата. „Ние сме соседи и се обидуваме да најдеме решенија за нашите прашања. Но, за тоа треба да организираме состанок“, рече тој.