Заврши првиот ден од самитот на ОБСЕ во Скопје: во фокусот војната во Украина

Заврши-првиот-ден-од-самитот-на-ОБСЕ-во-Скопје-во.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Првиот ден од 30. Самит на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) заврши денеска во Скопје и ќе продолжи утре.


Во фокусот на обраќањата на шефовите на делегациите беше војната во Украина, а најголемо внимание, според написите во медиумите, привлече присуството и обраќањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Лавров денеска изјави дека ОБСЕ е пред колапс и дека Западот ги убива шансите за заживување на организацијата.

Ова е првпат Лавров да престојува во европска земја членка на НАТО од почетокот на руската специјална операција во Украина.

Иако изминативе денови се очекуваше средба помеѓу Лавров и државниот секретар на САД Ентони Блинкен бидејќи тие првпат ќе се затекнеа заедно на едно место, тоа не се случи. Имено, Лавров пристигна во Скопје откако Блинкен го напушти Скопје и отпатува за Тел Авив.

Бројни домашни и светски и регионални медиуми будно ги следеа движењата на Лавров од неговото пристигнување во салата „Борис Трајковски“ каде што се одржува самитот, каде што беше пречекан од домаќинот, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, анализираат медиумите во регионот.

На најголемиот меѓународен политички настан организиран во Северна Македонија од нејзината независност присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголемиот број земји-учеснички на ОБСЕ – САД, Канада, Велика Британија, министрите на земјите членки на ЕУ и НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

За утре се планирани три настани на теми: Млади и граѓанско општество, За луѓето е влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година и Зачувување на плурализмот, безбедност на новинарките.

Министерскиот состанок започна вчера со неформална вечера на повеќето министри, каде тема на разговор беше воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.

Министрите за надворешни работи на Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија денеска во Скопје, за време на Министерскиот совет на ОБСЕ, потпишаа заедничка декларација за борба против корупцијата.

Шефовите на дипломатиите Ивица Дачиќ, Филип Ивановиќ, Бујар Османи, Елмедин Конаковиќ и Игљи Хасани во Заедничката изјава како клучни точки ги наведуваат промоцијата на дигиталните алатки за рано откривање на криминалот, спречување на корупција и зголемена транспарентност, ефикасно користење на алатките за враќање на средствата и зголемување на капацитетот за намалување на ризиците поврзани со дигиталните средства, како што се криптовалутите, во контекст на перење пари.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK