Сингапур размислува за изградба на вештачки острови во водите околу источниот брег за да заштити дел од својата територија од зголемување на нивото на морето како резултат на климатските промени, објавија министрите.
Студиите за изводливост и влијанието врз животната средина за проектот, наречен „Лонг Ајленд“, ќе започнат во 2024 година и ќе траат пет години, рече министерот за национален развој Дезмонд Ли.
Новите територии создадени на овој начин би можеле да се прошират на 800 хектари, што на густо населениот град-држава ќе му даде повеќе простор за нејзините жители, како и за парковите и индустријата, рече Ли.
Сингапур има 6,2 милиони жители и вклучува 63 острови на површина од 724 km2, што го прави една од најгусто населените области во светот.
Премиерот Ли Хсиен Лунг во 2019 година предупреди дека зголемувањето на нивото на морето „сериозно му се заканува“ на Сингапур.
Работата потребна за заштита на брегот би можела да биде многу скапа и да надмине 100 милијарди сингапурски долари (68,626 милијарди евра) за 100 години, рече тој.
Вештачки острови би можеле да се изградат долж брегот за да формираат „одбранбена линија“ против зголемувањето на нивото на морето, според Агенцијата за урбан развој (УРА).
Владините агенции ја разгледуваат и можноста за изградба на брана висока три метри околу брегот, но тој проект подразбира големи технички тешкотии.