Грковска: Донаторската поддршка во сајбер-безбедноста е неопходна, но таа мора да биде координирана и соодветно испланирана

Грковска-Донаторската-поддршка-во-сајбер-безбедноста-е-неопходна-но-таа-мора.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во организација на Германското федерално Министерство за надворешни работи, на последниот ден од Глобалната конференција за градење сајбер капацитети, што се одржува во Акра, Гана, се одржа панел дискусија „Ниедна земја да не заостане – Справување со асиметриите и политиките во градењето сајбер капацитети“, на која учествуваше заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.


„Во денешниот меѓусебно поврзан свет, од клучно значење е да се осигура дека ниту една земја нема да заостане кога станува збор за решавање на потребите произлезени од технолошкиот развој. Ова значи обезбедување на потребната поддршка и ресурси за премостување на диспропорциите меѓу земјите и справување со финансиските и политичките предизвици што се јавуваат при градењето на сајбер капацитетите“, истакна вицепремиерката Грковска и додаде дека помошта од развиените партнерски земји во процесот на дигитална трансформација е исклучително важна за земјите кои имаат ограничени ресурси и бројни политички и социо-економски предизвици.

Во таа насока, таа истакна дека донаторската помош, особено за малите земји како што е Северна Македонија, мора да биде координирана за да нема преклопување на проектите, но и особено да се внимава преку таа поддршка да се постигнат одржливи и долгорочни промени.

Претставувајќи ја работата на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со кој претседава, Грковска истакна дека особено важна е координацијата на донаторската помош, без разлика дали се работи за финансиска или експертска поддршка, бидејќи често се забележува појава на проекти кои се преклопуваат, што значи несоодветно искористување на добиените средства. Според неа, не е доволно да се обезбедат средства од поразвиените земји или меѓународни организации за унапредување на дигитализацијата, туку и начинот на кој таа се користи мора темелно да се испланира и имплементира. Токму затоа, додаде Грковска, таа организира месечни координации со меѓународните донатори, со цел да се избегне преклопување на проектите.

Грковска истакна дека асиметричниот развој не создава слабости само за помалку развиените земји, туку и за меѓународната заедница. „Откако се разгоре војната во Украина, често велам дека постојано сме во сајбер војна и мораме да бидеме целосно подготвени да одговориме на сајбер заканите. Особено што веќе имаме искуство со големи напади, кои предизвикаа проблеми за нашите граѓани и институции. За жал, требаше да се случи агресијата врз Украина за да сфатиме дека инвестициите во сајбер безбедноста се инвестиции за наша безбедна иднина, а не трошок“, заклучи Грковска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK