Ковачевски нема да има средба со Лавров: Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е победа на ОБСЕ

Ковачевски-нема-да-има-средба-со-Лавров-Ова-апсолутно-не.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пред почетокот на денешниот 30. Министерски состанок на ОБСЕ премиерот Димитар Ковачевски го оправда откажаното присуство на министрите од Украина, Литванија, Естонија и Летонија, а подоцна и Полска откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доби дозвола за прелет и го потврди присуството во Скопје. Премиерот Ковачевски смета дека Русија не извојувала дипломатска победа.


„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продолжи да биде гарант на обезбедување развој на демократските и на мирните процеси во Европа“, рече премиерот Ковачевски.

На новинарско прашање дали ќе има средба со Лавров, Ковачевски кусо одговори дека нема да се сретнат.

Секоја земја, како што рече премиерот, на различен начин го искажува ставот за агресијата на Русија.

„Ние треба да бидеме свесни дека секоја земја на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија која што Русија ја направи врз суверена држава, врз Украина. Некои тоа го прават со нивно неприсуство меѓутоа некои го прават со нивно присуство и, се надевам, со многу јасно искажани ставови во однос на неоправданоста на оваа агресија“, рече Ковачевски.

Неговите очекувања од денешниот состанок се дека ќе бидат потврдени одлуките кои веќе се разговараа на ниво на амбасадори и дека ОБСЕ ќе продолжи да работи успешно. Нагласи дека Македонија претседаваше во најтешката година за ОБСЕ со оглед на тоа што организацијата се соочи со голем број предизвици поради, како што рече, неоправданата агресија и војна која Русија ја направи врз Украина. Се надева дека денес ќе бидат потврдени одлуките за избор на нов претседавач, за избор на четирите најзначајни функции и позиции во ОБСЕ како и донесување на буџетот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK