Израел и Хамас се согласија да го продолжат примирјето за најмалку уште еден ден, неколку минути пред крајот на шестдневното примирје.
Во соопштението на израелската војска се вели дека примирјето ќе биде продолжено поради напорите на посредниците да го продолжат процесот на ослободување на заложниците држени во Газа во замена за палестинските затвореници.
Хамас, кој вчера ослободи 16 заложници во замена за ослободување на 30 Палестинци од израелските затвори, во соопштението наведе дека примирјето ќе продолжи седми ден. Претходно, милитантната група која владее со Појасот Газа објави дека Израел одбил да прифати седум жени и деца кои ги држи Хамас како заложници, како и телата на уште три за кои палестинските милитанти тврдат дека биле убиени за време на израелското бомбардирање на енклавата, во замена за натамошно продолжување на примирјето.
Портпаролот на израелската војска Дорон Шпилман исто така претходно изјави дека не е постигнат договор за следните заложници што треба да бидат ослободени.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст вчера соопшти дека успешно се ослободени и префрлени 16 заложници кои ги држела палестинската исламистичка група Хамас во Газа.