Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите објавени на „Курир“ дека 14-годишната В.Ѓ., за која на 27 овој месец беше пријавено дека исчезнала, наводно е пронајдена во соседна држава.
Од МВР преку допис до медиумите велат дека станува збор за комплетно лажна вест во која непознатиот автор се повикува на наводни „извори од истрагата“, а притоа со Одделот за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи воопшто не била направена задолжителната проверка на наводите, и покрај бројните апели и од страна на полицијата, и од страна на родителите на малолетничката да не се пласираат дезинформации со кои само може да се наштети на истрагата.
„Како што МВР редовно информираше деновиве, за решавање на случајот и пронаоѓање на лицето е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Податоците за исчезнатото лице на 28.11.2023 во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол“, велат од МВР.
Се додава дека истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето.